„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
18.11.2024
На 15.11.2024 година во Софија, се одржа меѓународна арбитражна конференција во организација на Арбитражниот суд при Бугарската трговско-индустриска комора на која како панелист учествуваше Ана Смилевска, генерален секретар на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија.
Главната тема на овогодишната конференција беше „Правните аспекти на дигитализацијата на активностите на постојаните арбитражни институции и дигитализацијата во арбитражните постапки“, а се говореше и за влијанието на вештачката интелигенција во арбитражниот систем, преку користењето на дигиталните алатки за комуникација (видео-конференции, е–маил комуникација, специјализирани софтвери за размена на документи, е-достава на документи) се со цел унапредување на арбитражните постапки. Учесниците на оваа меѓународна конференција имаа можност да дискутираат за предизвиците и предностите со кои се соочуваат при примената на дигиталната технологија во арбитражните постапки.
Конференцијата ја отвори претседателот на Бугарската трговско-индустриска комора, г-дин Цветан Симеонов, а со свои излагања настапија и претставници од Бугарската арбитража, Виенскиот арбитражен центар, претставници од арбитражниот суд од Украина, еминентни судии, адвокати од Бугарија, како и правници специјализирани за арбитражни постапки.
Генералниот секретар на Постојаниот избран суд – Арбитража, во своето излагање даде краток осврт на целосно имплементирана онлајн постапка која е спроведена пред оваа арбитражна институција, за време на кризата со корона вирусот, во спор со меѓународен елемент, изложувајќи ги предностите и предизвиците со кои се соочиле во текот на постапката, применувајќи ја модерната технологија, дигитализацијата со примената на електронска комуникација помеѓу странките, прифаќање и користење на е –достава, спроведување на онлајн рочишта, онлајн сослушување на сведоци и вешти лица, доставување на онлајн пресуда, се со цел намалување на должината (траењето) на постапката, како и намалување на трошоците на арбитражната постапка.
Во дискусијата што следеше, учесниците се согласија дека дигиталните алатки можат значајно да ја зголемат ефикасноста во арбитражните постапки. Влијанието на вештачката интелигенција, примената на новите технологии и дигитализацијата може значајно да ги забрзаат арбитражните постапки, намалувајќи ја потребата за физичко присуство на состаноци, овозможувајќи брза размена на документи и намалени трошоци на постапките.