„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
04.10.2024
Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на свечена академија одбележа значаен јубилеј – 75 години од своето основање.
На настанот поздравно обраќање имаше претседателот на Здружението за градежништво, индустријата на градежните материјали и неметали при Стопанската комора на Северна Македонија, Андреа Серафимовски, кој ја истакна важноста на образованието за градежниот сектор.
„Наша обврска е да продолжиме да работиме на унапредување на образованието и да ги решаваме актуелните предизвици со кои се соочува секторот. Градежниот факултет, кој за време на своето постоење образувал многу стручни лица, продолжува да се развива и да се приспособува на современите потреби, со акцент врз практичната обука и врз соработката со индустријата. Горд сум што сум бил дел од оваа институција, која ми овозможи личен и професионален напредок“, рече Серафимовски.
Тој ја потенцираше соработката меѓу образовните институции и индустријата, особено преку Стопанската комора, која активно се залага за вклучување на приватниот сектор во практичната настава, што е клучно за развој на квалитетен кадар, посочувајќи дека само преку тесна соработка може да се подобри обуката и да се одговори на потребите на компаниите.
„Во услови на иселување на младите и на недостиг од стручен кадар, Факултетот и Стопанската комора работат на иницијативи за промоција на стручното образование и за унапредување на дуалниот систем на образование, преку создавање на иновативни и компетентни професионалци кои ќе придонесат за раст и развој на градежниот сектор и одговорат на потребите на бизнисот“, додаде претседателот на Здружението при Комората.
Поздравни обраќања упатија вицепремиер и министер за транспорт и врски Александар Николоски, деканот Горан Марковски и ректорот Биљана Ангелова. Настанот потсети на богатата историја на Факултетот, но и на значајниот придонес на многу генерации професори и студенти во развојот на градежниот сектор во земјава.