„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Награди за најуспешните по повод одбележувањето 102 години Стопанска комора на Северна Македонија

26.07.2024

По повод одбележувањето на 102-годишнината на Стопанската комора беа доделени награди на најуспешните компании и личности за нивните достигнувања и придонес кон економскиот напредок на државата. Наградени беа компании и личности во категориите за долгогодишна коморска активност, воведување напредни технологии и зелена агенда, како и за градење на партнерства и економски развој.

Како и претходните, така и оваа година по повод одбележувањето на годишнината на Стопанската комора на Северна Македонија, беа доделени наградите на Комората за 2023 година како поттик за поголеми и посмели идни потфати на компаниите и придонес за целокупниот економски напредок во нашата држава.

Во категоријата Награда за долгогодишна Коморска активност беа наградени двајца долгогодишни членови, соработници и пријатели на Комората.

Господинот Илија Гечев, генерален директор на ИГМ Трејд, АД Кавадарци повеќе од три децении активно учествува во работата на Комората, во формите на организирање и органите на управување на Комората. Од 2008 година до јуни 2021 г-дин Гечев е потпретседател на Комората, а од јуни 2021 година е заменик претседател и дел од Клубот 100 на Стопанската комора на Северна Македонија.

Господинот Петар Спасески, сопственик и управител на „АСП-ПАК“, Охрид е активно вклучен во работните активности на Комората веќе нехолку децении, а денес тој е член на Собранието на Стопанската Комора. Како сопственик на компанија со долгогодишно искуство во организирањето и раководењето со работата на трговски друштва, беше активно вклучен во активнстите насочени кон унапредување на пазарното стопанство, претприемништвото и конкурентноста во работењето.

Наградата за воведување напредни технологии, дигитализација и зелена агенда, оваа година ја доби нашата долгогодишна членка – ЕВН Македонија. Компанијата во континуитет работи на дигитализација на своите процеси со цел забрзување на процедурите и обезбедување функционланост во рамки на групацијата. Во 2023 г. EBH Македонија се наога на врвот на листата на македонски компании кои највеќе инвестирале во набавка на нова опрема и постројки, со кои инвестиции придонесува за подобрување на своите услуги и приближување до граѓаните и компаниите.

Награда на Комората за градење на партнерства, засилување на врската и заеднички дејствувања во градењето на просперитетна македонска економија оваа година беше доделена наАгенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) и проф. д-р. Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Северна Македонија.

Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) ги препозна заложбите и иницијативите на Стопанската комора за регионална соработка од кои произлезе тригодишниот проект „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција" кој Стопанската комора на Северна Македонија во директно партнерство со УСАИД го реализира до јуни 2025 година. Целта на проектот е зајакнување на капацитетите на македонските компании за поуспешна регионална соработка и нивно поврзување во нови партнерства. Од проектот произлегоа нови алатки и услуги, кои на директен начин овозможуваат конкретна поддршка за зголемување на извозната конкурентност на домашните компании. Вториот значаен проект, е петгодишен проект „Граѓаните против корупцијата“, поддржан од УСАИД, во кој Стопанската комора е учесник и претставува приватниот бизнис сектор. Преку проектот, со бројни активности насочени против корупцијата, УСАИД и Стопанската комора влијаат во насока на подобрување на економскиот амбиент во земјата. Борбата против корупцијата е дел од поширокиот ангажман на Стопанската комора за борба против сивата економија и владеење на правото, што е предуслов за зголемени инвестиции и економски раст.

Стопанската комора на Северна Македонија, преку Декларацијата за општествен консензус, економски реформи, политики и мерки која беше донесена на 14.7.2022 година, го трасираше патот за градење на договор за економски раст со јасни приоритети, околу коj сите чинители во економијата и општеството треба да се обединат. 

Eден од првите поддржувачи на Декларацијата е Проф. д-р. Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Pепублика Северна Македонија. Тој ја препозна улогата на Стопанската комора како обединувачки фактор на сите чинители во државата, во постигнувањето на целта за остварување на повисоки стапки на раст на македонската економија во наредните 10 години и нашите клучни приоритети како основни столбови на кои треба да се гради новиот модел за економски развој. Низ низа конструктивни заемни разговори во најголем дел истите се вклучени во програмата за работа на новата Влада и заеднички утврдивме мерки во интерес за компаниите. Имплементацијата е тоа што следува, но ние силно веруваме дека со експертизата и знаењата, искуствата, амбицијата и енергијата која ја имаме, партнерски ќе продолжиме и заеднички ќе учествуваме во градењето на подобра иднина на нашата држава.