„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Од здруженијата

ВО СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СМ ПРЕЗЕНТИРАНИ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ПРОЕКТНАТА АКТИВНОСТ „БИООТПАДОТ ВО МАКЕДОНИЈА – МАПИРАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ И ИЗНАОЃАЊЕ РЕШЕНИЈА“

18.07.2024

Во согласност со легислативата на ЕУ, односно измените на ЕУ (2008, 2018б), органскиот отпад ќе мора да се одвојува на изворот, а 65 % од него да се рециклира до 2035 година. Македонија е под притисок да се спроведат исти вакви активности, и тоа решавање на проблемот со органскиот отпад и намалување на емисијата на CO2. Европа е обврзана до 2030 година да ја намали емисијата на CO2 за 55 %.

Во организација на Асоцијацијата на биогасни централи и производители на биомаса во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија, како дел од проектната активност „Зголемување на пазарната вработливост – IME“, финансирана од Palladium International, LLC, денеска беше одржана работилница на тема „Биоотпадот во Македонија – мапирање на проблемот и изнаоѓање решенија“. 

Главната цел на работилницата е да се претстават резултатите од истражувањето, односно определбата на поголемите компании од агросекторот на територија на целата држава, како и направеното согледување за тоа каков тип на органски отпад генерираат и кои се количините на органски отпад од агросекторот. Ваквиот тип на мапирање и на извештај ќе биде од голема важност за МЖСПП во насока на подобрување на законските решенија во иднина и на спроведување на законот во пракса.

Во согласност со легислативата на ЕУ, односно измените на ЕУ (2008, 2018б), органскиот отпад ќе мора да се одвојува на изворот, а 65 % од него да се рециклира до 2035 година. Македонија е под притисок да се спроведат исти вакви активности, и тоа решавање на проблемот со органскиот отпад и намалување на емисијата на CO2. Европа е обврзана до 2030 година да ја намали емисијата наCO2 за 55 %.

Оттука и идејата за формирање на Асоцијацијата како посебно тело кое ќе ги третира актуелните интереси на постојните биогасни централи во РСМ. Потребно е во Асоцијацијата да се вклучат најголемите компании од прехранбениот сектор за да се забрзаат активностите.

Во изминатиот период беа одржани неколку работни средби со претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и на МЗШВ. Законска рамка постои: оној кој создава отпад има одговорност до крајното решение. Компаниите се должни да го предадат за натамошна обработка или да создадат услови, во рамките на своите капацитети, за обработка и за менаџирање на органскиот отпад, без притоа да креираат штета врз животната средина.

Сегашната пракса на спроведување на отпадот до локалната самоуправа не е законски регулирана на начинот на кој се практикува, туку е спротивна на оваа регулатива бидејќи комуналните претпријатија не се ниту законски овластени ниту, пак, имаат капацитети за менаџирање на органскиот отпад. Депониите се за комунален отпад, но во прашање е органски отпад. Постои и правилник за биоразградлив отпад. Потребно е како следен чекор да се направи мапирање, односно да се определат поголемите компании од агросекторот на територијата на целата држава за да се согледа каков тип на органски отпад генерираат, кои се количините на органски отпад од агросекторот и да се види како постапуваат тие сега со овој отпад, за потоа да се прејде на следните активности во соработка со МЖСПП. Во мапирањето беше предложено, како дополнителна активност, да се согледаат и локациите на биогасните централи и да се мапираат со преработувачите од агросекторот, за натаму да се пресмета и трошокот за транспорт и за манипулација од преработувачките капацитети до биогасните централи.

Органскиот отпад кај нас е регулиран во Законот за управување со отпад, но Асоцијацијата, како дел од своите идни активности, има намера да направи истражување за добрите пракси од ЕУ-земјите во кои органскиот отпад е посебно регуларан, што би дало можност МЖСПП да поведе иницијатива за креирање посебна законска регулатива која ќе се однесува само на органскиот отпад.

На работилницата беа презентирани менаџмент-системот за биоотпад во Р Словенија, легислативата за регулирање на биоотпадот и постојните практики за менаџирање со биоотпадот во Р Словенија.