„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
10.07.2024
Анализата на состојбата во македонското градежништво од Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при СКМ, открива сериозни предизвици. Главните точки на проблемот вклучуваат законски ограничувања и неспособност за конкуренција со странските инвеститори. Наедно, истакнати се потребата од реформа на Законот за јавни набавки и подобрувањето на квалитетот во градењето. Надежите за подобрување вклучуваат промени во владините стратегии и постапки за инвестиции, особено во контекст на изградбата на инфраструктурни проекти, како на пример коридорите 8 и 10Д.
Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустријата на градежните материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија, во најновото издание на „Трилинг“ изјавува дека градежништвото во Македонија стагнира и дека се соочува со сериозни проблеми. „Загубивме големи капацитети, македонското градежништво преживува, градежниците се оставени сами на себе,“ вели Серафимовски.
Според него, македонското градежништво не може да изгради еден автопат за 10 години, а во последниве осум години, освен еден експресен пат, ништо друго не е пуштено во употреба. Нашите компании успешно работеле во странство, но овде не можеме да реализираме проекти кои ќе донесат добро за нашето население.
„Македонските компании се истиснати од странските инвеститори. Главниот проблем во градежништвото се сведува на пет точки, од кои најболна е Законот за јавни набавки. На проекти финансирани од странски инвеститори нашите компании не беа ниту конкурентни за да настапат поради максималистичките услови“, вели Серафимовски.
Тој нагласува дека добрите фирми се соочуваат со голема нелојална конкуренција, а критериумот најниска цена ги руши сите надежи. Мора да има измени во Законот за јавни набавки и да се специфицира градежништвото. Добрата компанија треба да си го најде своето место во секторот.
Серафимовски истакнува дека странските компании кои дојдоа во Македонија не нѐ научија ништо ново и дека изгубивме многу време. Нови технологии не видовме. Има нееднаков третман и одлив на кадар во странските компании. Македонското градежништвое долго време во оваа состојба.
Тој предлага: „Можеби е крајно време да ги замениме улогите. Ние да работиме под нивни, а тие под наши услови. Жално е што градежништвото учествува со 5,5 % во капиталните проекти, а има капацитет за повеќе од 7 %. Потенцијалите ги имаме.
Со новата власт се очекува промена во Договорот со „Бехтел и Енка“. „Ова е последната можност за спас. Се надеваме дека новата Влада ќе овозможи македонските компании да работат под исти услови. Потребна е национална стратегија за градежништвото и поголеми компании“, вели Серафимовски.
„Дури 89,4 % од градежните фирми имаат 1 до 9 вработени. Само 0,14 % (7-8 фирми) имаат повеќе од 250 вработени и тие реализираат 18 % од вкупното градежништво на годишно ниво“, додава тој.
„Мора принципот на неквалитетно и на брзо градење да се замени со побавно, но квалитетно градење. Мора да го смениме Законот за градба“, заклучува Серафимовски.
Целото интервју може да го погледнете на следниов линк: (Видео) Серафимовски: Македонското градежништво преживува – македонските компании се истиснати од странските инвеститори – Трилинг (triling.mk)