„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

„КРЕНИ ГЛАС ПРОТИВ ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО“ - „МАКПЕТРОЛ“ ПОВИКУВА НА ЗАЕДНИЧКА БОРБА СО БУЛИНГОТ

28.06.2024

Изборот на темата врсничко насилство е резултат на одредени потресни приказни кои што допреа до целата македонска јавност. За да се создаде општество во кое децата ќе можат да живеат слободно и среќно, „Макпетрол“ одлучи да го сврти вниманието на јавноста кон проблемот со којшто тие секојдневно се соочуваат - булингот

„Крени глас против врсничко насилство“ е општествено одговорна кампања со која „Макпетрол“ ја испраќа пораката - „Стоп за булинг!“. Нејзината примарна цел е зголемување на јавната свест за проблемот со врсничкото насилство, како и изнаоѓање долгорочни решенија од кои најголема корист ќе имаат најзасегнатите - децата и младите. 
Во текот на своето речиси 80-годишно постоење, „Макпетрол“ на најразлични начини непрекинато придонесува во општеството и во заедницата. Со силна желба таа поткрепа биде да уште поголема, компанијата дојде до идејата за кампања за кревање свест (public awareness campaign). Конкретно, изборот на темата врсничко насилство е резултат на одредени потресни приказни кои што допреа до целата македонска јавност. За да се создаде општество во кое децата ќе можат да живеат слободно и среќно, „Макпетрол“ одлучи да го сврти вниманието на јавноста кон проблемот со којшто тие секојдневно се соочуваат - булингот. 
Вредноста на оваа кампања од нејзиниот почеток во септември 2023 година ја препознаа 26 општини од сите делови на Северна Македонија кои се приклучија на активностите. Во училиштата што се во надлежност на овие општини, „Макпетрол“ овозможи работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство и работа со овој проблем. Вакви едукативни средби заклучно со јуни 2024 година беа одржани во речиси 100 основни училишта, а во истите учествуваа неколку илјади ученици.  
- Учениците, децата и младите, се во фокусот на нашата кампања. Навистина нè исполнува фактот што во комуникацијата со нив заклучивме дека активностите кои што ги спроведуваме им помагаат, им даваат поттик, послободно и погласно да зборуваат за проблем со којшто самите се соочуваат. Исто толку значајна е и поддршката што ја добивме и од општините, од училиштата, од наставниците и од стручните служби, кои ја препознаа вредноста и активно се вклучија да создадат услови за подобрување на состојбата со врсничкото насилство. Нашите напори беа поткрепени и од родителите, како најважен столб во процесот на воспитување на децата и на младите. Свесни сме дека проблемот со булингот не се решава преку ноќ и затоа и во следниот период ќе продолжиме со активностите, а и натаму ќе бидеме отворени за соработка со секој што ќе сака да се вклучи во кампањата - вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управен одбор и директор во „Макпетрол“. 
Првиот дел од кампањата на „Макпетрол“ беше заокружен со големиот настан во Градски Парк во Скопје - „Со позитивна енергија против врсничкото насилство“. Стотици деца, млади, како и родители и други поддржувачи се забавуваа со диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Жељко Самарџиќ, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа. Во текот на овој позитивен ден најмладите имаа можност да уживаат во низа интерактивни содржини и популарни игри.  
На „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучија 26 општини - Крива Паланка, Берово, Свети Николе, Ново Село, Струга, Кавадарци, Валандово, Дојран, Кочани, Охрид, Виница, Битола, Штип, Бутел, Петровец, Чучер-Сандево, Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Илинден, Куманово, Карпош, Кисела Вода, Ѓорче Петров, како и две основни училишта во Општина Прилеп. За сите општини „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство со проблемот со булингот. 
Општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ ќе биде активна и во следниот период. Сите објавени комуникациски материјали, како едукативни спотови, епизоди од анимираната серија „Биби и Боби“, брошури наменети за деца, родители и за наставници и понатаму ќе бидат достапни на социјалните мрежи, како и на вебсајтот kreniglas.mk. На оваа платформа и натаму, секој што имал некакво искуство со булингот, ќе има простор анонимно да ја сподели личната приказна. Дополнително, преку интерактивни тестови, сите можат да препознаат дали биле сторители, жртви или набљудувачи на врсничкото насилство.