„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Од компаниите

Финансиските друштва во подем

08.03.2024

Законски измени за поголема заштита на клиентите

Финтек-индустријата стана моќен двигател на примена на иновациите, реобликувајќи ја иднината на финансиите, и полека но сигурно зазема сè позначајно место и на финансискиот пазар во земјава. „Според последните извештаи на НБРМ, минатата година пазарот на финансиски друштва забележа раст од дури 24 отсто“, вели Биљана Мишиќ, извршна директорка на „Иуте Македонија“, во интервју за „Блумберг Адрија“.
„Во 2023 година со квалитетно кредитно портфолио, кое надмина 25 милиони евра, ’Иуте’ ја задржува лидерската позиција во индустријата со пазарен удел од близу 30 отсто. Беа реализирани приходи од близу 18 милиони евра, што е за околу 3 милиони евра повеќе од претходната година. Вкупниот обем на исплати во текот на 2023 година е околу 40 милиони евра, чија наплата до 30 дена е над 90 отсто“, вели Мишиќ. 
Таа посочи дека минатогодишните измени на Законот за финансиски друштва од страна на регулаторот, Министерството за финансии, придонесуваат за поголема заштита на клиентите, како и подобрување на репутацијата на друштвата, во поглед на регулирањето на износот на трошоците и минималниот износ на сопствен капитал.
„За референца, сопствениот капитал на ’Иуте’ изнесува 3,5 мил. евра, што е 7 пати над регулаторниот минимум“, вели Мишиќ.
Таа додава дека растот и проширувањето на сегментите допрва претстојат, бидејќи новиот закон за платни системи и платежни услуги, каде што македонското законодавство се усогласува со ЕУ-директивите, има значајни новини што се однесуваат на финансиските друштва.
Нови технологии
Компанијата воведува и нови технологии на пазарот.
„Кога зборуваме за технолошките новини, овозможуваме купување преку скенирање QR код, на продажни места или онлајн, што е уникатна услуга за македонскиот потрошувач. Клиентот на овој начин купува денеска, а почнува да отплаќа следниот месец рата што никако не е оптоварена од камата. Во овој модел, трговецот ја сноси провизијата наместо клиентот, со оглед што го има комодитетот да ја зголеми продажбата и да ги добие средствата веднаш, бескартично и без документација“, вели Мишиќ.
Воведена е и биометриска идентификација.
„Со новиот систем за електронска идентификација, кој е воведен во соработка со компанијата ’ГетИД’ (GetID) од Естонија, се зголемува безбедноста на клиентите и се елиминира каква било злоупотреба на податоците на клиентите. Технолошкиот развој е нашата основа. Неделно имаме по 30-40 подобрувања на кор-системот и апликацијата, споредено со традиционалниот финансиски сектор, каде што за воведување иновација се потребни шест месеци и подолго. Во нашиот случај развојот доаѓа за неколку часа или дена. И токму тој агилен пристап е всушност и една од предностите на финансиските друштва во однос на традиционалниот финансиски систем“, вели Мишиќ.
Таа додава дека со користење напредни аналитики и алгоритми за машинско учење, финансиските институции можат да добијат вреден увид за однесувањето на клиентите.
„Со анализа на историските податоци и примена на модели за машинско учење, можеме прецизно да ја процениме кредитоспособноста на клиентите. Тоа ни овозможува да носиме информирани одлуки при одобрувањето на изложеностите, што резултира со ниска стапка на неисполнување на обврските на клиентите и подобрување на севкупните перформанси на портфолиото. Машинското учење придонесува и за креирање персонализирана понуда во поглед на износот и каматната стапка, соодветно на кредитоспособноста и ризичната група“, вели Мишиќ.
Таа заклучува дека со анализа на социоекономските податоци, кредитната историја и историјата на отплата, финансиските институции можат да ја проценат способноста на корисниците одговорно да го отплаќаат кредитот.