„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Комората одржа средба со ректорите во насоки за соработка на бизнис секторот со науката во интерес на зголемување на конкурентноста на македонската економија

31.01.2024

Еден од главните приоритети на Комората е да предлага мерки и наоѓа начини како да го унапреди работењето на компаниите и да обезбеди подобро бизнис опкружување во интерес на зголемена конкурентност на македонската економија и на самите компании. Во таа насока, денес претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, одржа средба со ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова придружувана од проректорите при универзитетот, ректорот при УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, проректорот при УГД, проф. д-р Дарко Лазаров, ректорот при УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски и ректорот при УЈИЕ, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети.

Во изминатиот период преку конкретни чекори и активности, заложбите на Комората е да се воспостават механизми со државните Универзитети, да се работи на градење платформа и програма за заедничка соработка со цел науката да се стави во функција на бизнисот и развојот на македонската економија.
„Комората активно работи на обединување на сите чинители во државата, особено на поинтензивно поврзување со науката со цел да испорача конкретна поддршка за компаниите во нивните напори за воведување на нови технологии, иновации и зелена транзиција како основа за поголема конкурентност. Комората во минатото има добро искуство на соработка со универзитетите што е неопходно да се надгради и интензивира.
Преку градење и унапредување на соработката со Универзитетите ќе им се овозможи на нашите компании да ги искористат капацитетите на истражувачката дејност на Универзитетите во делот на имплементирање на еколошките стандарди, циркуларна и зелена екомомија и да користат научна и стручна експертиза во делот на исполнување на меѓународните стандарди за заштита на животната средина и зелената трансформација“, порача претседателот Азески.
Македонската економија, а пред сѐ индустријата поминува низ една фаза на сериозни предизвици поради глобалните текови, но и поради потребата за преструктурирање и јакнење на конкурентноста во процесот на целосно интегрирање кон единствениот ЕУ пазар.  
Ректорите при универзитетите ја искажаа потребата од унапредување на соработка со стопанството во насока на искористување на потенцијалот за активности во развој и инвестиции, имплементација на еколошки стандарди, јакнење на регионалната соработка, стварање кадри и остварување соодветни пракси за потребите на реалниот сектор.
Понатаму, потенцијал за соработка се идентификува и во арбитражниот процес особено ако се има во предвид фактот дека најголемиот број на арбитри кои постапуваат во постапките пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Комората доаѓаат од професорскиот кадар на  универзитетите.
Во следниот период, универзитетите и Комората, активно ќе работат на мапирање на постојните истражувачки и научни капацитети, со цел истите да се искористат и да се стават во функција на бизнисот.