„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Програми и мерки за поддршка на домашните извозници презентирани на седница на Клубот на извозници

26.01.2023

Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија на 26.01.2023 година одржа редовна седница на која се дискутираше за актуелни можности и отворени повици за поддршка на домашните извозници и предлози за креирање на мерки за промоција на македонскиот извоз на странските пазари.

Јасмина Мајстороска, раководител на Сектор за индустриска и инвестициска политика при министерството за економија ја презентираше Нацрт-програмата за поддршка  на конкурентноста на преработувачка индустрија за 2023 година. Во делот на поддршката на извозните компании се предвидени мерки за кофинансирање за изработка на стратегија за извоз, студии за истражување на пазарот, маркетинг стратегија или активности за развој на бренд во износ од 50% од докажаните трошоци или најмогу 300.000 денари поединечно за секој деловен субјект, набавка, имплементација, сертификација и обука за меѓународни стандарди за квалитет и друго. Програмата за поддршка  на конкурентноста на преработувачка индустрија за 2023 година во моментов е во владина процедура, а отворените повици за аплицирање на дел од мерките ќе бидат распишани во текот на месец февруари.

Претседателот на Клубот на извозници проф. д-р Дарко Лазаров истакна дека Клубот и Комората им стои на располагање на компаниите преку професионална, експертска и техничка помош при аплицирање и користење на средствата за поддршка на македонските извозници.

Презентирајќи ги останатите мерки што се на располагање во рамки на два проекта коишто Стопанската комора ги спроведува, оперативниот директор за претставување на членките и вмрежување во Стручната службана на Комората, Билјана Пеева-Ѓуриќ, пред присутните на состанокот истакна дека во рамки на „Програмата за развој на снабдувачи“, а со поддршка од Европската комисија, 60 избрани МСП од регионот на Западен Балкан ќе имаат шанса да добијат бесплатна помош за да ги пласираат нивните производи на пазарите на ЕУ.

Програмата која е отворена до 6 февруари е наменета за компании од три сектори:
•    преработка на овошје и зеленчук,
•    производство на машини и делови за машини,
•    производство алкохолни пијалаци (вино, вињак/ракија итн.).

Исто така, по повод пет години од формирањето на заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6, со поддршка на Европската комисија, беше најавен и отворениот повик за учество на регионалниот натпревар за компании од шесте земји на Западен Балкан, на којшто ќе бидат доделени 21 награда во шест категории.

Пред присутните беа најавени и петте повици за поддршка на извозно ориентираните компании во процесот на градење на нивните извозни капацитети во рамки на Проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, кој се спроведува во партнерство со УСАИД , а кои се објавени на коморскиот портал www.mchamber.mk. Повиците опфаќаат директна помош на компаниите преку развој на Стратегии/Планови за извоз на пазарите, дигитална трансформација, имплементација на меѓународни стандарди за квалитет и циркуларна економија, техничка помош за пристап до финансии, за кои избраните компании ќе имат техничка поддршка од страна на консултанти кои се експерти во дадената област.

Анета Димовска, проектен менаџер во Стопанската комора ги пренесе целите од отворениот повик на партнерската организација Македонија 2025 во рамки на Програмата за развој на МСП поддржана од Фондацијата Битов. 

На седницата присутните извозни компании се запознаа со начинот на креирање алатки за унапредување на јавно приватниот дијалог и создавање на подобра деловна средина за извозно ориентираните компании преку работата на Национален совет за извоз кој Стопанската комора на Северна Македонија ќе го основа во престојниот период.

На крај на состанокот присутните компании дискутираа за механизмите на комуникација за приоритетни прашања и барањата на членките на Клубот на извозници за дизајнирање мерки за помош на домашните ориентирани компании имајќи го предвид суштинското значење на извозот за нашата економија.