„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Од здруженијата

СО ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО ДО ПОДОБРИ РЕЗУЛТАТИ ВО РАБОТЕЊЕТО

26.05.2023

Реализиран состанок на конзорциумот во рамки на проектот: „Дигитална трансформација се пробива кон бизнисите – развој на клучни индикатори за перформанси за зголемување на продуктивноста на секторот DIG-in-KPI“

Стопанската комора на Северна Македонија продолжува со своите проектни активности во доменот на поддршка на процесите за дигитализација на претпријатијата, а токму секторот градежништво и индустријата на градежни материјали, како еден од најмалку дигитализираните сектори се соочува со предизвици како да го достигне дигиталната трансформација во согласност со технолошките трендови на Градежништво 4.0.
Во насока на поттикнување на дигиталната трансформација во градежништвото во периодот 22-23 мај 2023 година се одржа вториот конзорциумски состанок на партнерите во рамки на проектот: „Дигитална трансформација се пробива кон бизнисите – развој на клучни индикатори за перформанси за зголемување на продуктивноста на секторот DIG-in-KPI“. Во рамки на дводневниот состанок особен фокус беше ставен кон дефинирањето на клучните индикатори за мерење на перформансите за дигитализација, кои во изминатиот период беа развиени во рамки на проектот како дел од првата фаза, истите беа презентирани пред компаниите, по што следеше дискусија и консултација со компании од секторот во насока на дефинирање на индикатори кои ќе бидат унифицирани како за С.Македонија, така и за Словенија и Хрватска. Врз основа на мислењата и препораките на компаниите од трите земји во следниот период ќе се направи редефинирање на индикаторите, по што ќе следи изработка на бесплатна онлајн алатка која ќе биде достапна на компаниите, кои по принцип на самооценување ќе можат да го идентификуваат степенот на дигитализација и да добијат насоки за тоа што ќе треба да превземат за понатамошно унапредување.
На состанокот, претставниците од Трговска и индустриска комора на Словенија, кои воедно се носители на проектната активност одржаа презентација на постоечки онлајн алатки кои на компаниите во Словенија им овозможуваат користење на е-услуги. Во рамки на состанокот на покана на претставниците од Стопанската комора на Хрватска, претставници од Министерството за просторно уредување, градежништво и државен имот ги презентираа досегашните достигнувања во дигитализација на јавните услуги достапни за градежните компании како што се е-градежен дневник, e-дозвола и др.
Проектот „Дигиталната трансформација се пробива кон бизнисите – развој на клучни индикатори за перформанси за зголемување на продуктивноста на секторот“ (Dig-in-KPI) е финансиран од Европската Унија преку Словенечката национална агенција CMEPIUS и ќе послужи како модел проект за одредување индикатори за дигитализација во рамките на Европската федерација за градежна индустрија (FIEC), а во реализацијата на активностите учествуваат: Стопанската комора на Северна Македонија, Трговска и индустриска комора на Словенија и Стопанската комора на Хрватска.