„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

ПРЕДЛОГ - ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОК НА ЛИЧЕН ДОХОД, ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА

15.12.2022

 Целта на предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на личен доход, според известувањето, е пропишување на законски решенија кои придонесуваат за проширување на даночната база, преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на личен доход, обезбедување на поголема праведност на даночниот систем и поправична распределба на даночниот товар по основ на данокот на личен доход помеѓу доходот од труд и доходот од капитал.

Со членот 1 од Предлогот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, се предлага изменa на одредбите од членот 11 кои ја уредуваат стапката по која се плаќа данокот на личен доход. Имено, се предлага данокот на личен доход да се плаќа по единствена стапка од 10%, со исклучок на доходот од добивките од игри на среќа, за кој данокот ќе се плаќа по стапка од 15%.
Со членот 2 се предлага да се избришат постојните одредби од членот 12 точки 35), 35-а) и 36) со што ќе се укине ослободувањето од оданочување на уплатената премија за животно осигурување, уплатенa премиja за доброволно здравствено осигурување и уплатениот придонес во доброволен пензиски фонд за вработените лица и обрзникот кој остварува доход од самостајна дејност. Исто така со овој член се врши и промена на периодот на поседување на хартиите од вредност и уделите во инвестициски фондови утврден во точката 39-а), од десет на две години, од каде што произлегува дека нема да се плаќа данок на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд доколку имателот ги поседувал за период подолг од 2 години.
Со членот 3 од Предлог законот се врши допрецизирање и доуредување на видовите на доход кои потпаѓаат под категоријата на доход од работа. Имено се предлага да се додат три нови точки во ставот 1 од членот 15 од законот, со кои ќе се предвиди дека користењето на станбени згради или станови кои се во сопственост на работодавачот или кои работодавачот ги користи по основ на закуп или по друг основ, користењето на службени моторни возила или други превозни средства за приватни цели, вклучувајќи и превоз од и до работно место и стекнување со хартии од вредност и учество во капиталот на работодавачот и кај поврзани лица со работодавачот, без надоместок или по цена пониска од пазарната, се сметаат за доход од работа.
Со членот 4 се предлага да се изврши дополнување на членот 16 во насока на допрецизирање и доуредување на основaта за оданочување на немонетарните бенефиции на даночните обврзници предвидени во членот 15 од законот. Исто така се предлага и измена на точката 12) од членот 16 поради предложеното бришење на точката 36 од членот 12 од Законот т.е ослободувањето од оданочување на уплатен придонес во доброволен пензиски фонд од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност.
Согласно членот 5 од Предлог Законот, целиот износ на уплатената премија за животно осигурување кај самостојните вршители на дејност ќе има третман на непризнат расход, со оглед на предложеното бришење на точката 36 од членот 12 од Законот.
Со членот 6 се предлага допрецизирање на одредбите од членот 61 од Законот кои што се однесуваат на утврдувањето на набавната цена која влијае на основата на оданочување на капиталните добивки.
Со членот 7 се предлагаат измени на одредбите од членот 62 од законот со кои се предвидува пребивање на капиталната загуба остварена од продажба на хартии од вредност на берзата во земјата во тековната година со капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност на берзата во земјата во истата година, како и можност за пребивање на остварената капитална загуба од продажба на удели во инвестициски фондови во земјата со капиталните добивки остварени од продажба на удели во инвестициските фондови во земјата во тековната година.
Со членот 8 се врши доуредување на ослободувањата од плаќање на данок на остварените капитални добивки од продажба на недвижен имот.
Со членот 9 се предлага доуредување на ослободувањата од плаќање на данок на остварените капитални добивки од продажба на хартии од вредност.
Со членот 10 се предлага законот да се дополни со два нови члена со кои се уредуваат условите под кои нема да се плаќа данок на доход за капиталната добивка остварена од продажба на удели од инвестициски фондови, стекнати по основ на наследување или подарок од прв наследен ред, како и при замена на удели од еден во друг инвестициски фонд со кои управува исто друштво за управување.
Со членот 11 се предлага промена на одредбите од членот 70 од Законот кои се во согласност со предложеното бришење на точките 35) и 35-а) од членот 12 од законот.
Со членот 12 се предлага да се избрише точката 6-а) од членот 80 од законот, така што капиталните добивки од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд нема да бидат дел од видовите на доход за кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка од страна на исплатувачот.
Со членот 13 се уредува дека пресметувањето на аконтацијата на данокот на доход за видовите на доход утврдени во членот 80 од Законот ќе се пресметува на соодветно утврдена даночна основа со примена на стапката од членот 11 од законот (10%, односно 15% за добивките од игри на среќа).
Со членот 14 се предлагаат измени на членот 85 од Законот поврзани со обврската на исплатувачот за доставување на пресметка за бруто  доходот и пресметаниот данок по одбивка по електронски пат до Управата за јавни приходи, а во однос на капиталните добивки од хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд. 
Со членот 15 се предлага во законот да се додаде нов член 85-а со кој се пропишува обврска за Централниот депозитар за хартии од вредност да и достави на Управата за јавни приходи годишен извештај со податоци за стекнување и продажба на хартии од вредност од страна на физичките лица, најдоцна до 15- ти јануари во тековната година за претходната година, како и обврска за друштвата за управување со инвестициски фондови за доставување на годишен извештај со податоци за остварениот доход од удели во инвестициски фонд, во истиот рок.
Со членот 16 се предлагаат измени во членот 87 од Законот согласно кои пресметувањето на аконтацијата на данокот на доход за видовите на доход утврдени во ставот 1 од истиот член ќе се пресметува со примена на стапката од членот 11 од законот.
Со членот 17 се предлага законот да се дополни со нов член 89-а со цел да се изврши доуредување на постапката на даночно изземање или намалување согласно со меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот кој го остварува странско физичко лице а за кој аконтацијата на данокот ја пресметува обврзникот.
Со членот 18 се предлага во законот да се додадат нов наслов и нов член 91-а со цел да се уреди начинот на пресметување на аконтацијата на данокот на доход од капитална добивка од хартии од вредност и удели во инвестициски фондови. Имено, се предлага аконтацијата на данокот за овој вид на доход да ја пресметува Управата за јавни приходи врз основа на податоците од годишниот извештај со податоци за стекнување и продажба на хартии од вредност од страна на физички лица и удели во инвестициски фонд, најдоцна до 31-ви јануари во тековната година за претходната година.
Со членот 19 се предлага нов став 4 во членот 93 од законот со кој се уредува рокот за плаќање на данокот на доход од капитална добивка од хартии од вредност и удели во инвестициски фондови.
Со членот 20 се предлагаат измени во насока на усогласување со уставното име на државата.
Со членот 21 се предлага преодна одредба во законот со која се пропишува дека оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, ќе се применува за хартии од вредност и удели стекнати од 1 јануари 2023 година од страна на обврзникот или од страна на правниот претходник во случај на наследување или подарок.
Со членот 22 се предлага преодна одредба во законот со која се пропишува дека пресметката на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд ќе се врши хронолошки, со користење на методот на прв влезен, прв излезен (FIFO) од најстарата кон најновата трансакција почнувајќи од 1 јануари 2023 година.
Со членот 23 се пропишува дека одредбите од законот кои се однесуваат на оданочувањето на каматите од орочени депозити, ќе се применуваат од денот на пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската унија.
Со членот 24 се предвидува дека за капиталните добивки остварени од продажбата на недвижен имот по денот на отпочнувањето на примената на овој закон врз основа на продажба на недвижен имот стекнат по основ на подарок од прв наследен ред до денот на отпочнувањето на примената на овој закон ќе се применуваат одредбите од постојниот закон.
Со членот 25 се пропишува дека подзаконските акти чие донесување е утврдено во овој закон ќе се донесат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Членот 26 го уредува влегувањето во сила на законот.
Целосниот текст на предлог - законот е достапен тука.