„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

ПРЕДЛОГ – ЗАКОН ЗА ВЕШТАЧЕЊЕ

21.11.2022

 Со Законот за вештачење се уредува вршењето на вештачењето, условите и начинот на вршењето на вештачењето, субјектите кои вршат вештачење, условите и постапката за полагање на испит за вештак, услови за издавање, престанок или за одземање на лиценца за вештачење, награда и надоместок на трошоците за извршеното вештачење, основањето, надлежноста, организацијата и работењето на Комората за вештаци и другите органи на управување, посебна постапка за стекнување со лиценца за вештачење, како и други прашања од значење за судските вештачења и супервештачења.

Согласно со дефинициите:
„Вештак" е физичко лице кое е запишано во регистарот на вештаци за вршење на вештачење од соодветна област;
„Вештачење" е изготвување на стручен наод и мислење изработено врз основа на примена на научни и стручни методи, технички достигнувања, стекнати стручни квалификации, знаења и искуства во областите што се дефинирани во сите случаи определени со закон или по барање на заинтересирано лице – нарачател;
„Супер вештачење" е вештачење од повисок степен, стручна експертиза на две противречни вештачења, кое го врши тим составен од најмалку тројца вештаци од соодветната област на вештачење од органот на државна управа, високообразовната установа, научната установа или стручната установа или правно лице основано согласно одредбите од Законот за трговските друштва;
Вештачење можат да вршат: 
•    физичко лице вештак,
•    правно лице регистрирано согласно одредбите од Законот за трговски друштва и 
•    високообразовна установа, научна установа, стручна установа и орган на државна управа врз основа на овластувања утврдени со Закон
Супер вештачење може да врши правно лице основано согласно одредбите од Законот за трговските друштва со вработено најмалку три лица со лиценца за вештачење, високообразовна установа, научна установа, стручна установа и орган на државна управа.
Областите во кои се врши вештачење се утврдуваат со акт на Комората на вештаци. 
Комората се дефинира како самостојна и професионална институција на вештаци со својство на правно лице, седиште во Скопје и истата е запишана во Централниот регистар на Република Северна Македонија. Членувањето во Комората е задолжително. Акти на Комората се Статутот, Етичкиот кодекс, Правилникот за дисциплинска постапка и други акти. Органи на Комората се Собранието, Управниот одбор, Надзорен одбор, претседател на Комората и Дисциплинската комисија.
Целта на предложениот закон е надминување на недоледностите од важечкиот и целосно нормативно уредување на областа вештачење. Вештачењето е опфатено со Стратегијата за реформа на Правосудниот сектор 2017 – 2022 и нејзиниот Акциски план. Донесувањето на Закон за вештачење произлегува од потребата за реформа на судството, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, стратегиската цел на земјава за членство во ЕУ и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.