„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
12.12.2024
На 11 декември во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа презентација на тема „Платформа за CE-ознака“.
Настанот беше организиран како дел од проектот насловен „Поддршка на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан за развој на заеднички регионален пазар“, кој го спроведува Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан со поддршка на Европската комисија.
М-р Михајло Донев, проектен менаџер во Стручната служба на Стопанската комора на Северна Македонија, во своето воведно обраќање истакна дека коморите од земјите на Западен Балкан, обединети преку Коморскиот инвестициски форум, ги поттикнуваат регионалната интеграција и градењето на капацитетите на компаниите за извоз на единствениот европски пазар. Овие заложби се интегрирани и во работењето на Стопанската комора на Северна Македонија преку активностите на Коморскиот инвестициски форум и активностите што произлегуваат во рамките на Проектот за поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција, кој го спроведува Комората во партнерство со УСАИД, а кои влијаат врз поттикнување на извозните активности на македонските компании. Токму денешната презентација на дигиталната платформа за СЕ-ознака, како заеднички регионален пристап, го олеснува пристапот до податоци за компаниите за полесно усогласување со европските директиви како исклучително важен елемент за пласирање на производите на пазарите на ЕУ. Единствениот европски пазар бара сите производи што се пласираат на него да ги исполнуваат строгите директиви за механичка отпорност и стабилност, безбедност во случај на пожар, хигиена, за здравствени услови и услови на животната средина, безбедност при работа, заштита од бучава и енергетска економија за безбедност, како и за здравје и заштита на животната средина, а ваквата платформа преку систем на оценување бргу и ефикасно ги насочува компаниите кон потребните процеси, заклучи Донев.
Наталија Јовичиќ-Зариќ, експерт од компанијата Simplify Outsourcing DOO од Белград, која има повеќе од 30 години искуство во светот на квалитетот, активностите за оцена на сообразноста, акредитацијата и стандардизацијата, зборуваше повеќе на темата. Тaa, исто така, има значително искуство во областа на директивите за нов пристап и глобален пристап (слободно движење на стоки, безбедност на производи, CE-ознака).
- Ознаката CE на производот е потврда дека производите ги исполнуваат суштинските барања на европските директиви и стандарди. Платформата која ќе ја претставиме денеска е дизајнирана да заштеди време и напор во пронаоѓањето и во разбирањето на сложените регулативи на ЕУ, овозможувајќи фокусот да биде на она што е најважно – развојот на бизнисот – рече таа.
Според неа, со помош на оваа платформа, креирана како збир на прашалници, корисниците ќе можат лесно да ги најдат сите релевантни информации за директивите на новиот пристап, поврзани со нивните производи и услуги, што го поедноставува процесот на проценка на сообразноста и обезбедува безбедност на производот на пазарот. Оваа информација е важна за спроведување на процесот на означување на производите со CE-ознака за сите пазари кои ѝ припаѓаат на шестката од Западен Балкан.
Во презентацијата посочи дека целта со формирањето на Платформата за означување CE е да се поддржат малите и средни претпријатија од земјите од Западен Балкан 6 (WB6) во добивањето целосни, јасни и веродостојни информации и упатства во однос на усогласеноста на нивните производи со регулативите и правилата за CE-ознака, која е задолжителна за пласирање одредени групи производи на пазарот на ЕУ.
Оваа платформа преку базата на знаење ги обезбедува сите потребни информации, документи, податоци и упатства за условите и за процедурите за добивање на правото за ставање на CE-ознаката. Дополнително, нуди дигитална алатка која им овозможува на корисниците на малите и средни претпријатија бргу да проверат дали одреден производ е покриен со директива/регулатива на ЕУ, за да се добие прелиминарна оценка за применливоста на техничките прописи на нивните производ – рече Јовичиќ-Зариќ.
Како што наведе, Платформата вклучува мултидисциплинарен пристап и вклучува експерти од сите земји на Западен Балкан. Преку четирите официјални јазици во регионот – англиски, босански/црногорски/српски, македонски и албански – им обезбедува на корисниците консолидирани информации за CE-ознаката и директиви што го регулираат пласманот на производите на пазарот на ЕУ.
- Производителите преземаат целосна одговорност за усогласеноста на производите со директивите, дури и кога користат компоненти од различни извори – рече Јовичиќ-Зариќ, посочувајќи ја важноста од соодветна техничка документација што го придружува секој производ.
Наедно посочи дека Платформата нуди и консултативен извештај за применливоста на директивите, како и врски до релевантните прописи, усогласените стандарди и надлежните органи.
Посебно нагласи дека CE-ознаката е задолжителна не само за новите производи, туку и за користените што се увезени надвор од ЕУ, како и за значително модифицираните производи кои се сметаат за нови.
- Секој производител, без разлика дали е внатре или надвор од Европската Унија, може да стави CE-ознака на својот производ, но мора да спроведе соодветна процедура за оцена на сообразноста – рече Јовичиќ-Зариќ, нагласувајќи ја одговорноста на производителот во целиот процес.
Во текот на дискусијата рече дека Платформата е дизајнирана за да ги олесни идентификувањето на важечките директиви и изборот на соодветни процедури за оцена на сообразноста, кои вклучуваат: дизајн на производот, како и производство и подготовка на техничката документација со детали за изградбата, процесот на производство и за безбедната употреба.
- Овој проект претставува клучен чекор кон подобрување на конкурентноста на регионалните економии и кон полесно пласирање на производите на бараниот пазар во Европската Унија – заклучи Јовичиќ-Зариќ.
Презентираната платформа дополнително ќе се развива/ажурира во наредниот период, со цел подобрување на содржината, а од почетокот на наредната година ќе биде достапна за сите претпријатија и на веб-страницата на Стопанската комора на Северна Македонија.