„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
03.12.2024
На 2 декември во Стопанската комора се одржа меѓународна работилница на тема „Стерилизација на храна со јонизирачко зрачење, технологии и законска рамка“, во коорганизација со акредитираната лабораторија за радијациска физика РАД-ЛАБ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) од Виена. На работилницата учествуваа македонските компании увозници и производители на храна.
Целта на работилницата е да се информираат нашите компании за можностите на оваа технологија, која повеќе од 70 години е присутна во светот, но и за законските обврски при увозот на производи од земји што имаат постројки за зрачење.
Во име на АХВ се обрати државниот советник Светлана Колариќ, која нагласи дека АХВ редовно ги следи европските и светските трендови и секојдневно го усогласува националното законодавство со европското, бидејќи ниту операторите со храна ниту, пак, потрошувачите ги препознаваат бариерите со кои се соочуваат, а кои треба да се сервисираат од АХВ, како што е овој вид храна.
Професорката Христина Спасевска, раководител на РАД-ЛАБ, ги претстави резултатите од тестирањата направени во рамките на националната мониторинг-програма за последните пет години и укажа на тоа дека во Македонија се увезува храна третирана со јонизирачко зрачење. Со опремата во РАД-ЛАБ може да се детектира застапеност на третиран материјал во производите и до 5 %, но, за жал, нашите компании немаат интерес да ги тестираат увезените производи со цел заштита на потрошувачите.
Катерина Геразова-Ефремова, раководител од АХВ, јa претстави законската рамка за овој тип храна и нагласи дека третираната храна треба да биде означена и придружена со документација во врска со процесот на третирање и со објектот во кој е извршено третирањето.
На крајот од работилницата професорот Уве Гох, експерт на МААЕ, ги претстави најновите сознанија од технологиите за третирање производи, постапката за изградба на индустриска постројка за зрачење и можностите за повеќенаменска примена во производството на храна, медицината, фармацијата и во полимерната индустрија.
По дискусијата меѓу предавачите и претставниците на компаниите се заклучи дека оваа технологија дава можности за примена и во нашата земја, особено при увозот на храна, за што е потребно информирање на операторите, но и на потрошувачите.