„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Азески - Туркменоглу: Поддршката за конкурентноста на приватниот сектор – дел од стратегијата на ЕБОР

28.11.2024

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, оствари работна средба со шефот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во С. Македонија, Фатих Туркменоглу. Разговорите беа фокусирани на новата петгодишна стратегија на ЕБОР за Северна Македонија, која се очекува да биде усвоена напролет следната година.

На состанокот беше истакнато дека стратегијата, каде се дефинира ангажманот на ЕБОР во С. Македонија, останува насочена кон три главни приоритети:

  • Поддршка за конкурентноста на приватниот сектор, која ќе се реализира преку подобрување на вредносните синџири, доквалификација на работната сила и зајакнување на владеењето;
  • Зајакнување на регионалната интеграција преку активности за меко поврзување и приближување на земјата до Европската унија;
  • Поттикнување на транзицијата кон зелена економија преку одржлива мешавина на извори на енергија и поголема ефикасност на ресурсите.

Азески нагласи дека стратешките насоки на Комората се комплементарни со приоритетите на ЕБОР, особено во делот на регионалната интеграција, зајакнувањето на извозните капацитети и спроведувањето на Зелената агенда. Како клучни примери за заложбите тој ги посочи активностите во рамки на Берлинскиот процес, каде Комората посветено работи на регионалната интеграција со тоа што е на водечките позиции во регионалните здруженија и иницијативи од типот на КИФ ЗБ6 и Асоцијацијата на балкански комори (АБК). Дополнително, заложбите на Комората за зајакнување на извозот се материјализираат преку формирање на институции како Националниот совет за извоз, Извозниот институт, како и зајакнувањето на Клубот на извозници внатре во Комората.

На средбата се дискутираше и за предизвиците со кои се соочува приватниот сектор, вклучително прашања како повратот на ДДВ и подготвеноста на компаниите да ги искористат средства од најавениот унгарски кредит.

Досегашните инвестиции на ЕБОР во земјата изнесуваат околу 3 милијарди евра, реализирани преку 196 проекти, додека моменталното портфолио изнесува 1,3 милијарди евра.