„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
18.07.2024
Креирање план за организирање обуки за заварувачи преку Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, во соработка со Бизнис центарот за тренинг и обуки при Комората, беше во фокусот на разговорите при посетата на КАЗ ГРУП. Средбата беше иницирана од менаџментот на компанијата, која е лојална членка на Комората со активности во секторот комунални дејности и метална и електро индустрија.
За време на посетата, детално се дискутираше за потребите и можностите за организирање на обуки за заварувачи. Истовремено се разговараше и за актуелната состојба на пазарот на труд и се идентификуваа потребите за специјализирани обуки за заварувачи. Заедничкиот план на кој КАЗ Груп ќе работи со Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, има за цел да обезбеди квалитетни и актуелни обуки кои ќе ги подготват младите за реалните предизвици и потреби на индустријата. Станува збор за обуки кои ќе се реализираат по сертифицирана Програма за квалификацијата Заварувач, а сертификатите кои ќе ги добијат учесниците ќе бидат официјално признати од страна на државата, но и препознати од работодавачите на кои и е потребен ваков кадар. Обуката е во траење од 4 месеци, а знаењата, вештините и компетенциите се стекнуваат преку теоретски предавања и практична обука во компании на реално работно место каде учесниците се запознаваат и со организациската структура на компанијата и со работните процеси. На ваков начин, освен стекнати стручни вештини се стекнуваат и со меки вештини како самостојност, одговорност, почитување на претпоставени, точност, иновативност, тимска работа и организација на време, кои исто така во сегашно време се многу барани од страна на работодавачите.
Главната цел на овие обуки е да се привлечат младите преку иновативен пристап, бидејќи заварувањето е занимање кое често е перцепирано како „црна“ работа. Сепак искуството покажува дека ова занимање нуди бројни можности за иновативност, создавање додадена вредност, кариерен развој и високи приходи. Нашата намера е да ја прикажеме оваа професија во ново светло, како „бела“ индустрија со многу перспективи и потенцијал за успех како во нашата земја, така и на глобално ниво.
Младите луѓе кои ќе се вклучат во овие обуки ќе имаат можност да стекнат вештини кои се високо ценети и добро платени, како во странство, така и во нашата земја. Заварувањето е една од најбараните и најплатените професии во светот, која нуди стабилност и високи примања, а ние сме решени да ги покажеме сите предности кои ги носи оваа професија.
Нашата мисија, како Комора, е да обезбедиме квалитетно стручно образование кое ќе ги подготви младите да се носат со предизвиците на иднината.
Посетата на КАЗ Груп ја реализираа координаторот на Здружението на метална индустрија Сашка Велков и претседателот на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките во рамките на Комората м-р Наташа Јаневска.
Производната линија е сместена во нов и модерен објект, кој е во целосна согласност со глобалните стандарди: Управување со квалитет (ISO9001:2015), Управување со животната средина (ISO 14001:2015), што компанијата ја доби од престижната куќа на Bureau Veritas, како и серијата ISO45001:2018 за проценка на здравјето и безбедноста при работа доделена од TUV NORD.
Големата експертиза на КАЗ Груп ја прави водечка компанија во својата област во Македонија и пошироко во регионот. Нивната долгогодишна работа на пазарот е поддржана со докажан квалитет и асортиман на производи.
Мотото на компанијата е да стане светски позната компанија за производи и услуги за водоснабдување, преку тим ентузијасти посветени на ефективност, иновативност и одржлив развој,, е нивното мото за успешност.